Дипломатија

Шчербак: Протерувањето е непријателски чин, Москва ќе возврати соодветно

29.03.2018 12:45

Соодветено ќе одговориме на одлуката на македонските власти за протерување на рускиот дипломат. Тоа е непријателски чин- изјави рускиот амбасадор Шчербак на прес- конференцијата во Скопје за случајот „Скрипал“. Русија е член на Советот за безбедност на Обединетите нации и македонските власти, иако по налог однадвор, не се ослободени од сопствената одлука...

Москва ќе возврати соодветно на одлуката на македонските власти за протерување на дипломат од земјава. Русија е постојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации- изјави рускиот амбасадор во земјава Олег Шчербак на прес- конференцијата за потезите на владата по случајот „Скрипал“. Прогласувањето „персона нон грата“ е непријателски чин- рече Шчербак.

„Оваа одлука има неоснован карактер и фактички е без преседан за целата историја на билатералните односи меѓу Русија и Македонија. Претпоставуваме дека во Скопје одлучија да го преземат овој непријателски, во однос на нашата земја, чекор, под влијание од надвор. Но, оваа околност на никој начин не ги ослободува македонските власти од целата одговорност за негативните последици по овој чекор“, изјави рускиот амбасадор во земјава, Олег Николаевич Шчербак.

Амбасадорот Шчербак нагласи дека во дипломатската пракса, протерувањето дипломат претставува многу сериозен и непријателски чекор.

„Ние соодветно ќе одговориме и тој одговор ќе биде многу добро промислен од сите страни“- потенцира рускиот амбасадор во земјава.

Амбасадорот соопшти дека македонската страна не сакала да обезбеди докази за тврдењата за делувањето на рускиот дипломат. Шчербак денешната прес- конференција зборуваше и за улогата на Велика Британија во потпалувањето на антируската кампања низ светот.

Шчербак нагласи дека Русија ги отфрла сите обвинувања за случајот „Скрипал“.