Харадинај: Серизно ја сфаќам состојбата во Косово
Српската листа најави излез од косовската Влада доколку не се формира Заедницата на српски општини за три недели. Министерот за Косово, Ѓуриќ порача- покраината се подготвува за војна, американската амбасада ги предупредува граѓаните за велигденските празници. Српската армија почнува воена вежба во Прешевската долина.

Косовскиот премиер Харадинај изјави дека не може да има поделба и размена на територии меѓу Косово и Србија. На социјалните мрежи напиша: „Српскиот претседател Александар Вучиќ треба да разбере дека нашето трпение не е безгранично и ќе го заштитиме нашето право“. Меѓудругото, ја повика Српска листа да се врати на масата и да дискутира за заедничките теми за доброто на сите граѓани, како и дека ултиматумот е погрешен пристап.
Директорот на српската Владина канцеларија за Косово, Марко Ѓуриќ реагираше на изјавата на Харадинај. Рече дека станало јасно дека во Приштина на власт се лица кои не сакаат мир, туку се подготвуваат за војна.
Ѓуриќ напиша дека Харадинај е во право кога вели дека не може да има поделба и размена на територии бидејќи целата територија на Косово и Метохија е дел од Република Србија.
Харадинај возврати - тоа што не реагирал веднаш по инцидентот со интервенцијата на полициските сили на собирот на Србите во Митровица, не значи дека е рамнодушен, туку дека сериозно ја разбира состојбата во Косово.
Српската листа најави излегување од Владата на 20-ти април, а косовскиот премиер им одговори - Владата ќе функционира и без Србите.
Се огласи и Американската амбасада на Косово и ги предупреди своите граѓани на зголемен ризик од терористички напади, особено за време на Велигденските празници.
Во меѓувреме, борбени авиони на српската војска вчера го прелетаа југот на Србија како претходница на најавената тактичка вежба во Прешевската долина.
Марина Ристова
