Владата останува на ставот за независност на судските одлуки
„Не треба да дозволиме случајот со Алмир да стане причина за политичка, етничка или каква било друга поделба во државата“- вели премиерот Заев. Тој и министрите одговараа на пратенички прашања. ВМРО-ДПМНЕ не учествува во работата на Собранието...

Владата останува на ставот дека судските одлуки се независни. Премиерот Заев рече дека е најважно тие да се транспарентни и јасни, одговарајќи на пратеничкото прашање на Фадил Зендели од БЕСА за случајот со малиот Алмир, кој праша и дали вештакот имал валидна лиценца.
Не треба да дозволиме случајот да биде причина за политичка, етничка или каква било поделба во државата, порача првиот министер. Регистарот за вештаци и за лиценците го води Министерството за правда.
Владата е фокусирана на реформите во правосудството. Преку работните групи продолжува дијалогот со опозицијата. Нивната поддршка е важна и тоа ќе биде доказ дека имаме вистинско независно правосудство, вели Заев. Можеби ќе направиме најдобри закони, но е важно како тие се применуваат. Транспарентните постапки се доказ дали нешто се реформира или е само мртво слово на хартија.
Во фокусот на пратениците, гасификацијата и даночната политика. Дали во државната каса за идната година се планирани повеќе средства за социјалната грижа и имплементација на принципите на родово одговорно буџетирање- праша Маја Морачанин од ДОМ.
И оваа пленарка за пратенички прашања помина без присуство на опозицијата.
Милчо Велески
