Здравство

Се намалуваат цените на лековите

29.03.2018 14:47

Од први април се намалуваат цените на лековитe за 40 до 50 насто. Според министерот Филипче, сите групи на лекови од позитивната листа се опфатени со намалувањето. Заштедата се проценува на повеќе од 2.300.000 евра. Со дел од овие пари, министерот најавува проширување на позитивната листа медикаменти...

Антибиотици, медикаменти за третман на висок крвен притисок, шеќер во крвта, астма, депресија, епилепсија, канцер- до 50 проценти од лековите на позитивната листа од први април ќе се купуваат по намалена цена. Заштедата се проценува на повеќе од 2.300.000 евра. Дел од парите ќе се користат за проширување на позитивната листа.

„Со оваа најголема заштеда на лековите до сега, граѓаните ќе добијат поевтини лекови и можност за лекување со нови терапии, односно можност за проширување на позитивната листа на лекови. Истовремено со намалување на болничката цена на лекови ќе се овозможи зголемување на квалитетот на здравствена заштита“, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.

Проблемот со дефицитот на лекови на рецепт, Филипче го лоцира во начинот на исплата на аптеките. Ќе се прават корекции. Фондот како преодно решение ги зголеми квотите.

„За одредено време ќе го смениме начинот на исплата кон аптеките за лековите издадени на рецепт и сум прилично сигурен дека овој проблем во иднина нема да се случува. Сега додека сѐ уште важи постојниот начин на плаќање Фондот најде преодно решение за зголемување на квотите, а за кратко време кога ќе го утврдиме најдобриот начин наместо плаќање по рецепт излеземе со официјална информација и ќе ја спроведеме мерката“, вели Филипче.

В понеделник, Законот за паралелен увоз на лекови и медицински помагала повторно ќе се најде на јавна расправа во Собранието, откако пред два месеца беше вратен на доработка. Измените ќе треба да обезбедат поголема контрола на увезените лекови, ќе мора да имаат два сертификата.

 

Андријана Атанасовска