Дипломатија

Шчербак: Москва соодветно ќе возврати на одлуката на македонските власти

29.03.2018 14:59

Москва ќе возврати соодветно на одлуката на македонските власти за протерување на дипломат од земјава. Русија е постојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации- изјави рускиот амбасадор во земјава Олег Шчербак на прес-конференцијата за потезите на владата по случајот „Скрипал“. Прогласувањето „персона нон грата“ е непријателски чин- рече Шчербак...

Протерувањето на рускиот дипломат од Македонија, Москва го смета за избрзан и непријателски преседан донесен под влијание од странство, изјави амбасадорот Шчербак. На Руската амбасада не ѝ биле предочени докази за активностите на протераниот дипломат што излегуваат надвор од неговата дипломатска работа, како што веќе посочил шефот на дипломатијата Димитров. Руската Федерација, која е постојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации, ќе одговори соодветно со следниот чекор, најави Шчербак.

„Претпоставуваме дека во Скопје одлучија да го преземат овој непријателски, во однос на нашата земја, чекор, под влијание од надвор. Но, оваа околност на никој начин не ги ослободува македонските власти од целата одговорност за негативните последици по овој чекор за нашите билатерални односи. Во дипломатската пракса, протерувањето дипломат претставува многу сериозен и непријателски чекор“, изјави рускиот амбасадор во земјава, Шчербак.

Рускиот амбасадор категорично ги отфрли британските тврдења за Солзбери, додавајќи дека Москва ќе ја обвини Британија за атентат врз двајцата руски државјани, Сергеј и Јулија Скрипал. Амбасадорот негираше дека Русија се заканила поради македонските аспирации за членство во НАТО, но изрази загриженост за тоа дека една пријателска држава може да стане дел од агресивна воена алијанса која ја смета Руската Федерација за ривал.

„Вие како одговорни граѓани, треба да размислите и за тоа што по зачленувањето на земјата во НАТО. Земјата ќе стане дел од воената машинерија на алијансата, и доколку се случи агресија на НАТО против Русија, вие ќе ја имате судбината на мета за возвратен удар“, изјави Шчербак.

Според Шчербак, остануваат пријателските односи меѓу двата народа. По повод трагичниот пожар во Кемерово, кадешто животот го загубија 64 Руси меѓу кои и 41 дете, македонски граѓани се потпишаа во Книгата на жалост отворена во дипломатското претставништво.

Идниот вторник во чест на жртвите, помен во црквата „Свети Архангел Михаил“ во Скопје.

Ирина Гелевска