МАСИТ: Да не се избрзува со прогресивното оданочување
Прогресивното оданочување може да биде погубно за бизнисот- велат во информатичкиот сектор. Ова се однесува и на персоналниот данок за плати над илјада евра. Рамниот данок овозможува регуларно плаќање на сметките кон државата- велат во Комората за информатички технологии...

Даночната реформа за поголем персоналец на приходите над 1.000 евра, ќе удри по индустријата за информатички технологии, дополнително ќе го разгори одливот на кадри, ќе ги доведе во ситуација да бараат поевтин начин како да ги платат давачките. Со овој став, информатичарите апелираат власта да не избрзува со ат хок решение што може да биде погубно за нивниот бизнис.
„Не смееме да дозволиме многу да ја притискаме ИКТ индустријата, затоа што одливот на кадри е евидентен. Многу е лесно да си заминат од тука и да најдат работа на друго место. Имаме други предлози кои ќе придонесат за развј на ИКТ индустријата и на долгорочен план ќе вратат многу повеќе од краткорочното полнење на буџетот. Ставот на МАСИТ е дека треба да поразговараме“, вели Горан Поповски, претседател на УО на МАСИТ.
Од Комората за информатички технологии го посочуваат примерот на земјите со рамен данок, преку кој се стимулира таканаречената бела економија, регуларното плаќање на даноците. Со став, дека речиси и да нема фирми што вршат плаќања на рака, а сите генерираат додадена вредност преку нови технологии и технолошки развој, од МАСИТ сугерираат- оваа индустрија да се изземе од рестриктивните одредби и закони.
„Да не дојдеме до ситуација да се вратиме на оние времиња кога тоа на некој начин едвај го средивме, барем во нашата индустрија, скоро и да нема фирма која плаќа на рака дополнителни средства“, вели Анита Никова од МАСИТ.
Фирмите од ИКТ бизнисот се најзасегнати од оваа даночна реформа, со оглед на фактот дека платите во овој сектор се далеку повисоки, но сепак, со децении се провлекува проблемот со кадар. Бараат власта да има поголем слух и за нивните предлози околу Законот за работни односи и пракса, и за јавните набавки, да им обезбеди еднаков третман со странските компании во однос на даноците.
Проблемот со информатичлки кадар е глобален, но Македонија не смее да се продава како земаја со евтина работна сила- сугерираа менаџерите од ИТ бизнисот.
Сузана Фиданска- Стоевска
