Австрија би посредувала меѓу истокот и западот
Австрија одбива да протера руски дипломати, но изрази подготвеност да посредува во спорот меѓу истокот и западот по случајот „Скрипал“. Русија разреши 60 американски дипломати поради западната хајка на нејзини претставници во конзуларните мисии. Се заоструваат меѓусебните закани на релација Москва- Вашингтон.

Австриската министерка за надворешни работи Карин Кнајсл изрази подготвеност за посредство во дипломатската криза меѓу Русија и западните земји предизвикана од случајот со труењето на поранешниот руски шпион Скрипал. Официјална Виена одбива да се придружи во хајката на дваесетина земји против стотина претставници од дипломатската мисија од Москва поради, спроед нив, недостиг од потврдени факти. На 19 и 20 април, Кнајсл е во посета на Русија.
„Треба да се разјаснат околностите околу овој инцидент. Протерувањето дипломати никогаш не било наша практика. Отворените комуникациски канали се важни во тешки времиња. Австрија ќе биде подготвена да посредува во овој случај доколку го побараат тоа од нас“, изјави Карин Кнајсл, министерка за надворешни работи на Австрија.
Како контрамерка на масовната чистка во руските конзулати на западот, Москва прогласи за персона нон грата 60 американски дипломати и ја затвори мисијата на САД во Санкт Петербург. Најави слични мерки и кон другите противници.
„Предложивме употреба на меѓународните законски норми, и Конвенцијата за забрана на хемиско пружје, која има посебен член, според кој, доколку некоја страна има прашање за друга, двете треба да разменат информации и да се советуваат. Британците арогантно го одбија тоа и се повикаа на техничка клаузула од документот врз основа на која дојдоа експерти кај нив и вршеа анализа на супстанцата. Очекувам искрен разговор со западните партнери. Во спротивно, ова ќе биде уште доказ дека целата ситуација е провокација“, рече шефот на руската дипломатија, Сргеј Лавров.
Белата куќа не е изненадена од последниот потег.
„Не постои оправдување за рускиот одговор. Нашите дејствија беа спроведени чисто поради нападот во Обединетото Кралство врз британски граѓани и неговата ќерка. Ова е првпат да биде употребен воен нервен гас „Новичок“ во ситуација која е вон воен фронт. 28 земји ни се придружија во одлуката да протераме 153 руски шпиони од повеќе држави“, изјави Хедер Науерт, портпарол на Стејт Департмент.
Британија, САД и ЕУ го обвинија Кремљ за труењето на Скрипал и неговата ќерка. Руските власти негираат вмешаност во случајот.
Маја Филдишев
