100 илјади евра за ручеци во кафеани

24.02.2014 16:43

Поранешниот директор на Водовод, Виктор Божиновски,заработи кривична пријава за злоупотреба на функцијата. Тој не наплатувал сметки за потрошена вода, туку ги компензирал со ручеци во неколку кафеани...

Кумановската полиција поднесе кривична пријава против поранешниот директор на Водовод, Виктор Божиновски, за злоупотреба на функцијата при што не наплатувал сметки за потрошена вода, туку ги компензирал со ручеци во неколку кафеани. Случајот го пријавиле вработени во јавното претпријатие, а Божиновски е осомничен дека во изминатите 3 години по овој основ го оштетил претпријатието за околу 6 милиони денари.

„Пријавениот во својство на директор на ЈП во периодот од 2010, 2011 и 2012 година во пет угостителски објекти од Куманово, на кои им било фактурирано за потошена вода, геодезија и извршени проектантски услуги, не ги наплатувал побарувачките туку ги компензирал со ручеци и седенки со свои пријатели, информира Валентина Николовска, началник на аналитика во СВР Куманово.

Божиновски сега е на функција правен советник во Општината.Тој ги отфрли обвинувањата и изјави дека парите ги потрошил за одредени спонзорства на спортски и културни настани.

„Сметам дека не сум направил никакво прекршување, затоа што тоа сум го работел како директор не е предвидена забрана со ниту еден закон“, изјави Виктор Божиновски поранешен директор на ЈП Водовод.

Новиот директор на Водовод вели дека кога дошол на функција пред половина година претпријатитето имало долг од 60 милиони денари.

„Имавме долгови по разни основи.Се однесуваа на фактури за испорачана сирова вода, за хемикалии за прочистување, за електрична енегрија“, додава Горан Стојковски директор на ЈП Водовод.

Поради лошото менаџирање на Водовод во изминатите години и неисплаќањето на долговите за сирова вода кон Водостопанство, Куманово неколку пати беше заложник на водна криза оставајќи ги граѓаните без вода.

Вработените во ЈП Водовод последен пат примиле половина плата за месец декември.

 

Габриела Димковиќ