Администрација

Во јавниот сектор 139 илјади вработени

30.03.2018 14:44

139.000 вработени во јавниот сектор, објави министерот за информатичко општество и администрација, Манчевски. Тука спаѓаат и вработените во акционерските друштва и оние преку агенциите...

Со вкрстени податоци од неколку министерства и институции се дошло до бројката од 139.000 вработени во јавниот сектор, вклучувајќи ги тука и акционерските друштва и вработените преку агенциите за привремени вработувања.

Од крајот на 2016-та до сега бројот е намален за 951 вработен. Манчевски вели, тоа е поради природниот одлив или пензионирање бидејќи просечната старост на вработените во јавниот сектор изнесува нешто над 45 години.

Од вкупната бројка луѓе кои добиваат плата од буџетот, 60 отсто се вработени на локално ниво, а 40 на централно. Од нив, 54 насто се жени, а 46 отсто мажи.

Според етничката припадност 75, проценти се Македонци, 19 отсто Албанци. Министерот Манчевски посочува дека можеби има превработеност во пониските нивоа на јавниот сектор, но недостасува пак менаџерски кадар. Според образованието, во јавниот сектор има нешто над 42 проценти вработени со високо, додека со средно се вработени 35 проценти.4.861 се магистри, а 2.068 се доктори на науки.

Миле Ристески