Многу деца се соочуваат со дислексија, наставниот кадар тешко ја препознава
12 проценти од 2.500 средношколци се соочуваат со тешкотии при читање, пишување и спелување, покажува истражувањето за појавата на дислексија. Наставниот кадар тешко ја препознава. Со нивна правилна едукација ќе може да се постигне вистинскиот потенцијал...

Тешкотии при читање, пишување или спелување - многу деца во земјава го имаат овој проблем. Често за нив, настaвниците велат дека се мрзеливи ученици, со пониски интелектуални способности, но тие всушност патат од дислексија. Од здружението кое се занимава со оваа проблематика велат дека оваа состојба најдобро се препознава во второ и во трето одделение, кога децата веќе научиле да читаат, а сепак имаат потешкотии. Проблем претставува што наставниот кадар во текот на своето студирање не ја изучувал дислексијата, па тешко ја препознава.
„Кај нас за жал мал е бројот на стручни лица кои што работат со оваа состојба. Но сметам дека со правилна едукација на наставниот кадар, стручните служби во училиштата тие деца ќе можат да го постигнат нивниот вистински потенцијал“, вели Дамјан Николовски, Здружение за дислексија „Ајнштајн“.
Има методи како да се контролира дислексијата. Славица Тасевска- Николовска, која е лиценциран тренер за помош на ученици со оваа состојба вели дека тие го имаат присвоено сликовитиот начин на размислување, па така буквите, бројките и симболите ги доведуваат до дезориентација.
„Мозокот не ја прима информацијата што очите ја гледаат, и она што ушите го слушаат - таква е состобата на дезориентација што кај нив се јавува. Се работи со ментални алатки со кои децата ја контролираат дезориентацијата и исчезнуваат оние симптоми на дислексија на мрдање на буквите, исчезнување на буквите или погрешно гледање на зборовите“, изјави Славица Тасевска- Николовска, лиценциран тренер за дислексија.
Истражување покажало дека од испитани 2.500 средношколци, 12 проценти се соочуваат со дислексија.
Андријана Атанасовска
