Ракомет

Домашните бодови се веќе вкалкулирани

24.02.2014 16:45

Вторник е интересен ден за македонскиот ракометен шампион.

Точно напладне ракометарите на Вардар ќе го дознаат својот противник за нок-аут фазата во лигата на европските шампиони, а во 17 часот и 45 минути уште под импресии од ждрепката ќе мора максимално да му се посветат на предизвикот во СЕХА регионалното натпреварување и натпреварот со Војводина. Нема дилеми дека Вардар е голем фаворит, но често кога се мора е најтешко:

„Многу важен натпревар за нас. Победата во Прешов не доведе во полесна позиција, поблиску до фајнл-форот, да играме без притисок, но бодовите дома секогаш се решавачки. И не само тоа , најважно за нас е на секој натпревар да напредуваме во играта“-изјави на денешната пресконференција Раул Гарсија-тренерот на РК Вардар.

 

Прешов, Париз, патувања, натпревари:

„Имавме 7 напорни дена, тешки и физички и психолошки,но утре треба да бидеме максимално подготвени. Војводина е солидна екипа , со добра одбрана, но ако ние одиграме максимално ќе нема проблеми“-самоуверен е столбот на вардаровата одбрана Илија Абутовиќ.

Вардар-Војводина, утре во салата на Кале и со пренос на МРТ 1 во 17 часот и 45 минути.