Нимиц: Постојат потешкотии, но видов добра волја
Средба на Нимиц со Димитров и Коѕијас по размената на документи меѓу грчкатa и македонскатa страна. „Постојат тешкотии за надминување на прашањето за името, но видов добра волја кај двајцата министри тоа да се направи“, изјави посредникот во Виена. Најави серија, како што рече, сериозни состаноци во наредниот период...

Посредникот за разликата за името Метју Нимиц по новата рунда разговори со шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција, Димитров и Коѕијас соопшти дека има сѐ уште потешкотии за надминување до постигнување на заемно прифатливо решение за името, но видел напредок и добра волја од двете страни.
„Имавме конструктивен состанок што ни овозможува да бидеме оптимисти во иднина. Сѐ уште има тешкотии, но нѐ очекуваат сериозни состаноци во наредниот период. Според мое мислење постигнат е напредок“, изјави мидијаторот Нимиц.
Димитров и Коѕијас разговарале за нацрт- спогодбите на двете држави. Грција останува на ставот за сложено име со географска одредница за севкупна употреба и за промена на македонскиот Устав. За Македонија не е прифатлив предлогот за слеано име со зборот Македонија без превод на светски јазик, и е против промена на идентитетот и јазикот.
Домаќин на разговорите на Нимиц со Димитров и Коѕијас во австриското Министерство за надворешни работи во Виена беше шефицата на австриската дипломатија Карин Кнајсл.
„Ние сме домаќини, не сме медијатори што сега ги поставуваат стандардите. Ова е само во рацете на многу трпеливиот господин Нимиц“, рече австриската министерка за надворешни, Карин Кнајсл.
И Димитров и Коѕијас по средбата во Виена најавија брифирање на државниот врв и политичките лидери во своите држави.
Ирина Гелевска
