Невреме

Нормализирана состојбата во охридско- струшкиот регион

01.04.2018 17:31

И покрај прелевањето на акумулацијата Глобочица, по течението на Црн Дрим нема опасности за причинување штета на патот Струга-Дебар.

Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека по невремето, состојбата во охридско-струшкиот регион е нормализирана. И покрај прелевањето на акумулацијата Глобочица, по течението на Црн Дрим нема опасности за причинување штета на патот Струга-Дебар.

До овој момент нема пријави за причинета штета: поплави, пад на дрвја, а испуштањето на водите од Охридско езеро преку Црн Дрим е во постојана координација со ЕЛЕМ.

Надлежните субјекти целосно ја следеа состојбата, согласно насоките кои претходно беа договорени и по престанување на невремето пристапено е кон санирање на последиците и причинетата штета.  Најпогодена беше крајбежната линија на потегот од населба Канео до централното градско подрачје во Охрид, а во Струга делот од машка и женска плажа, соопшти ЦУК.

Нивото на Сатеска и Коселска е во благ пораст во однос на претходните денови, но нема опасност од прелевање.

Во однос на функционирање на останатата инфраструктура (колектор, водоснабдување, електроснабдување), не се забележани прекини.