Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ се враќа во Собранието
Се враќаме во Собранието, првата точка што ќе ја предложиме е прашањето за довербата на оваа ненародна власт, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски по вчерашните седници на извршниот и Централниот комитет. СДСМ ѝ направи голема штета на Македонија, тврди претседателот на партијата...
ВМРО-ДПМНЕ се враќа во Собранието, изјави вчеравечер лидерот на партијата Христијан Мицкоски. Првиот предлог ќе биде интерпелација на Владата, дополни претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи во последните 10 месеци е направена голема штета на земјата и економски и на политички план.
„Донесовме одлука учествувајќи во работата на Собранието жестоко да се бориме за секој предлог кој е во корист на граѓаните и да се спротивставиме против секоја штетна мерка, и антидржавна политика спроведувана од парламентарното мнозинство“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски.
Првиот чекор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде покренување на прашање за гласање недоверба на Владата.
„Од она што досега видовме се работи за влада со изгубен кредибилитет, влада која не работи за граѓаните и ја турка државата во амбис. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во детали ќе изложат аргументи зошто оваа антинародна и антидржана влада треба што поскоро да замине. Колку побрзо толку подобро за државата. Поразите станаа секојдневие, а голиот популизам нејзино обележје, во реалноста народот живее многу полошо“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Посочи дека во финална фаза се преговорите за реформските закони, постигната е согласност за поголемиот дел од нив, при што се прифатени голем дел на нивните забелешки и укажувања за подобрување на законите. По целосното финализирање кое Мицковски очекува да биде готово во следните денови, ВМРО-ДПМНЕ ќе инсистира за тоа да добе и писмени гаранции.
