Сè повеќе деца страдаат од сколиоза
Наставниците велат дека се обидуваат колку што можат да им помогнат на учениците да седат правилно и преку физичка активност да ги надминуваат последиците...

Тешките училишни ранци и долгото седење пред компјутер – главни причини кои доведуваат до искривување на ‘рбетот кај децата. Наставниците велат дека се обидуваат колку што можат да им помогнат на учениците да седат правилно и преку физичка активност да ги надминуваат последиците.
„Kај дечињата сколиозата зема замав. Покрај вежбите за рехабилитација на кои родителите ги носат децата, ние во училиштето се трудиме преку игра, преку забава, но и со часот по физичко да го надминеме тоа“, вели Петранка Здравковска, одделенски наставник.
Повеќе од 500 деца во училиштата во Општината Гази Баба имаат искривување на ‘рбетот, покажуваат спроведените истражувања на близу 5 илјади испитаници. Половината од родителите рекле дека своето дете не го однесле на дополнителен ортопедски преглед. Хируршкиот третман на сколиозата е сериозен зафат, велат докторите.
„Сколиозата дава деформации на градниот кош, карлицата. Значи, фунцкионирањето на сите органи во градниот кош и во стомачната празнина може да биде нарушено како резултат на сколиоза. Деформитетот дава натаму болки во долните екстремитети и намалување на виталниот капацитет на белите дробови итн.“, вели Иванка Стефановска, шеф на Одделението за ортопедија во Ремедика.
Една од превентивните мерки што ги презема Општина Гази Баба е зголемување на бројот на спортските активности во училиштата.
„Општината повеќе години наназад ги организира неколкуте лиги кои се во рамки на општинскиот сојуз на училишни спортови. Со спортските активности се опфатени околу 1.000 ученици“, изјави Тони Тајковски- градоначалник на Општина Гази Баба.
Но, тоа не е доволно ако спортските активности не продолжат во попладневниот часови од денот кога учениците се дома и многу од нив користат компјутери.
Физичката активност надвор од училиштата е ретко присутна кај децата. Дури 36 насто од учениците во Општина Гази Баба не спортуваат надвор од училиштата.
Андријана Атанасовска
