Охридското Езеро три сантиметри над критичната кота

02.04.2018 12:06

Нивото на водата во Охридското Езеро достигна 694,03 метри надморска височина, што е три сантиметри над критичната кота од 694 метри...

Врнежите од дожд во текот на викендот и јужниот ветар што предизвика топење на снегот придонесоа нивото на водата во Охридското Езеро да достигне 694,03 метри надморска височина, што е три сантиметри над критичната кота од 694 метри.

Ситуацијата е усложената од покачувањето на водостојот на реките од езерското сливно подрачје, чија вода го дополнува Охридското Езеро, а испустот на вода преку Црн Дрим не може да се отвори макисмално поради опасноста од излевање на реката од нејзиното корито и поплавувањето на земјиштето долж течението.

Очекувањата се дека ситуацијата полека ќе се подобрува со оглед на стабилизирањето на временските прилики, престанокот на дождот и временските прогнози кои предвидуваат период без нови врнежи.