Почнува проектот „Дрво за секое дете“
Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов и претставници на гинеколошките клиники во Скопје потпишаа Меморандум за соработка за реализација на проектот „Дрво за секое дете“.

Родителите на секое новородено дете во Скопје од сега ќе можат да засадат дрво, на кое ќе има плочка со името на детето и датумот на раѓање. Од Град Скопје велат дека со оваа акција ќе придонесе за зголемувањето на зеленилото.
„Како што ветив во предизборната кампања ја почнуваме реализацијата на овој проект заедно со ЈП „Паркови и зеленило“ и Гинеколошко- акушерските болници. Преку овој проект им овозможуваме на нашите сограѓани да засадат дрво во чест на раѓањето на нивното бебе. На дрвото ќе има плочка со името на детето и датумот на раѓање“, истакна Шилегов.
Секоја мајка по раѓањето на детето во некоја од гинеколошките болници ќе добива честитка, на која ќе има и код со кој ќе може да аплицира за засадување дрво. По напуштање на клиниките, родителите ќе треба да го пријават добиениот код на 071 395 395.
Дрвото на новороденчињата ќе биде посадено во сезонска акција на некоја од 18-те расположливи локации по избор на родителите.
