САД ја блокираа нацрт-резолуцијата на ОН за Газа

02.04.2018 12:56

Нетанјаху ѝ честиташе на израелската армија за одбраната на суверенитетот на земјата во појасот Газа. Палестинците навлегле во тампон зоната за да изградат свои населби, тврди Тел Авив. Додека Палестинците возвраќаат, Израелците провоцираат. Советот за безбедност на ООН не се договори поради американското вето за резолуцијата против Израел...

САД ја блокираа нацрт-резолуцијата на Советот за безбедност на ОН во која се бара независна истрага за најновите судири и се повикува на воздржаност во појасот Газа.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш побара „независна и транспарентна истрага“ за судирите.

Нацрт- резолуцијата во петокот ја предложи Кувајт, а во неа се бара независна и транспарентна истрага со почитување на меѓународните права. И шефицата на европската дипломатија Могерини побара истрага за употребата на боева муниција за време на палестинските демонстрации.

Турскиот претседател Ердоган го обвини израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека е „терорист“, откако тој ги отфрли „лекциите“ од Турција поради крвавите судири на границата помеѓу појасот Газа и Израел.

Ердоган рече дека Турците нема да заборават што им се прави на угнетените Палестинци, додавајќи дека ниту на израелскиот народ не му е сеедно. Нетанјаху, му возврати на Ердоган поради неговите критики на израелскиот одговор на масовните протести на Палестинците на границата на Појасот Газа.

Во петокот избија судири за време на палестинските демонстрации при што загинаа 16 Палестинци, а повеќемина беа повредени.

Десетици илјади Палестинци кон крајот на минатата недела почнаа шестнеделен протест во појасот Газа со барање да им се дозволи на палестинските бегалци да се вратат во Израел.

 

Марина Ристова