Судењето за случајот „Титаник“ одложено за 12-ти април
Дел од адвокатите рекоа дека воопшто не добиле ЦД со доказни материјали кои се на 25.000 страници. Од Специјалното обвинителство беа против и сметаат дека предлогот на одбраната е со цел да се одолговлечи постапката.

Одложено судењето за случајот „Титаник“ за 12-ти април, одбраната побара повеќе време за увид во доказниот материјал, што бил преобемен.
Одбраната бара судот да ги одложи и наредните три рочишта закажани за овој месец, а времето да биде искористено за увид во списите на предметот. Дел од адвокатите рекоа дека воопшто не добиле ЦД со доказни материјали кои се на 25.000 страници. Од Специјалното обвинителство беа против и сметаат дека предлогот на одбраната е со цел да се одолговлечи постапката.
Поранешниот премиер Груевски изјави- мене ме обвинуваат за сѐ, само да се одвлече вниманието од клучните прашања во земјата.
„Се чувствува притисокот врз судите. Имам три часа да прочитам десетици илјади страници. На тоа судијата немаше одговор. Судијата е под притисок. Денеска прва вест е Титаник, а втора вест е името. Секој ден сме на рочишта, без да ни се даде право на одбрана. Во тренд е за сè да бидам јас обвинет. Дневно измислуваат по 2-3 работи за да не се говори за друго“, рече Груевски.
Во случајот „Титаник“ обвинети се вкупно 21 лице. Покрај Груевски, обвинети се и поранешните функционери Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска.
Тие се осомничени од СЈО за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година.
