Трговска војна

Кина го возврати ударот, воведе царински тарифи за американски производи

02.04.2018 14:37

Вашингтон и Пекинг во трговска војна. Кина им возврати на Соединетите Американски Држави со воведуавње на тарифа за стотина производи. Индустријата и народот во неизвесност околу исходот на последниот спор меѓу двете моќни економии...

Ескалира царинскиот спор меѓу САД и Кина. Владата во Пекинг воведе царина од 25% за 128 американски производи. Целта е да се заштитат кинеските интереси и да се балансираат загубите предизвикани од новите американски царини за челикот и алуминиумот.

Од Белата куќа претходно најавија дека со царината ќе бидат опфатени речиси 60 милијарди долари увезена кинеска стока, што ги вознемири светските финансиски пазари, но и официјален Брисел. Дел од трговците и потрошувачите во Пекинг ги поддржаа реципрочните мерки, додека преостантите изразија загриженост од влошување на состојбата и бизнисот.

„Сосема е коректно да се воведат тарифи зашто ги следам вестите за САД. Тие ги менуваа трговските договори со нас, имаме право да им вратиме.“

„Купував увезена стока претходно. Но, тие не се неопходни за нашиот живот. Она што го земаме од преку океанот, може да го добиеме и од Кина, па нема разлика.“

„Ова ќе смени многу работи. На пример, многу овошја не растат овде во Кина. Мене ми пречи тоа.“

„Како тие нам, така ние ним. Иако двете земји треба да се стремат да ги отстранат трговските бариери преку соработка, САД воведува уште повеќе тарифи. Се надевам дека ќе постигнат меѓусебно разбирање, наместо да се натпреваруваат.“

Кина повеќепати нагласуваше дека не сака трговска војна, а Трамп тврдеше дека ваквите војни се корисни зашто, според него, САД секогаш победуваат. На некои земји, меѓу кои има и членки на ЕУ, Канада и Мексико, Белата куќа им одобри привремено изземање од плаќањето на новиот данок.

Поради кражба на интелектуална сопственост во вредност од стотици милијарди долари, Трамп одлучи да го примени Законот за трговија што овозможува да се воведат забранети царини.

 

Маја Филдишев