Финансиска поддршка

12 милиони евра за проекти за рурален развој

02.04.2018 15:00

12 милиони евра за нови проекти за рурален развој наредната година, најавија од надлежната Агенција за финансиска поддршка. Сепак за оваа година општините мора да понудат проекти за унапредување на инфраструктурата во селата и приградските општини...

Ќе се модернизираат селата, ќе се подобрува инфраструктурата. Ова е предвидено со новата Програма за рурален развој за 2018-та. Според ресорниот министер Николовски, целта е преку државна интервенција, поттикнување на активности за зачувување на руралните подрачја и подобрување на животот во селата.

За претседателот на ЗЕЛС, Шилегов клучно е олеснување на процедурите при аплицирање за проектите и нивна поголема транспарентност. Оттаму бараат системско следење на сите постапки и при закупот на земјиште.

Според надлежните, за идниот период се подготвува нова мерка Рурална јавна инфраструктура каде што општините за проекти ќе имаат на располагање 12 милиони евра.

Од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството велат дека досега преку три мерки се финансирани 63 проекти за рурален развој, 67 за обнова и развој и 49 проекти за зачувување на традиционалните вредности.

Дијана Ценевска