Политика

Заев: Реформските закони во предвидениот рок

02.04.2018 15:09

Лидерската средба за разликата за името ќе се одржи по Велигденските празници, изјави премиерот Заев кој беше брифиран од шефот на македонската дипломатија Димитров, за последниот состанок во Виена со Нимиц и Коѕијас. Нема предвремени парламентарни избори, тврди премиерот по вчерашната изјава на лидерот на опозицијата Мицкоски за прашањето на довербата на Владата и нивното враќање во Собранието...

Премиерот Заев верува оти ќе се најде време и за потребите на опозицијата и за реформите. Нивно право е да се поднесе интерпелација на Владата, но истовремено мораме да водиме грижа и за самите закони да се донесат до предвидениот рок, одговори премиерот на барањето на ВМРО-ДПМНЕ за гласање доверба на Владата. Ја поздрави одлуката на опозициската партија за враќање во Законодавниот дом.

ВМРО-ДПМНЕ ќе бара и писмени гаранции. Одлуката ја донесоа Извршниот и Централниот комитет, за како што изјави лидерот на партијата Мицкоски, да се спротивставиме на секоја штетна мерка и на антидржавната политика, спроведувана од парламентарното мнозинство. Како што рече, оваа Влада нема кредибилитет. Криминалот и корупцијата станаа заштитен знак за нејзиното работење.

Нема предвремени парламентарни избори. Сериозно работиме на окрупнување на парламентарното мнозинство, дециден е првиот министер. Постои скоро комплетен консензус во Парламентот да се донесат реформските закони, рече премиерот. Оцени дека дијалогот со опозицијата се движи во добар превец.

На собраниските комисии ги немаше пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму брифираат дека на пленарка ќе дојдат кога на дневен ред ќе биде интерпелацијата за Владата, која се подготвува. Од ВМРО-ДПМНЕ се децидни- нема да учествуваат ниту во расправата и гласањето за реформските закони во судството, за кои се бара двотретинско мнозинство.

На редовната понеделничка координација кај собранискиот спикер Џафери било договорено пленарка за интерпелација на Владата да има веднаш по Велигденските празници, а за реформскиот пакет, на 13-ти април. Претставник од ВМРО-ДПМНЕ не присуствувал.

Шефот на дипломатијата Димитров на премиерот Заев му реферираше за текот на разговорите за разликата со името. Претседателот на Владата изјави дека по последната рунда разговори во Виена е поголем оптимист за решавање на прашањето со името.

За средбата со медијаторот Нимиц и со грчкиот министер Коѕијас, Димитров на поединечни средби со државниот врв и со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ. Лидерска ќе има по празниците.

 

Милчо Велески