Туризам

Како до повеќе странски туристи?

02.04.2018 15:16

Здружението за угостителство и туризам бара од државата што побрзо да ги донесе измените во законската регулатива што ќе овозможи намалување на нелојалната конкуренција и на сивата економија. Се бара категоризација на објектите, донесување на Стратегија за развој на туризмот, но и визна либерализација, за да можат полесно да не посетуваат туристи кои пристигнале во други земји,но ги интересира и Македонија.

Словенија има годишно три пати повеќе туристи од нас, Албанија четирипати, а Црна Гора скоро двојно. Менаџерите од туристичката дејност ги нотираа уште лани проблемите и побара од ресорот за економија да се корегираат два закона, а од МНР да се работи поинтензивно на визната либерализација и да се олесни влезот на туристи. Експертите сметаат дека девизниот прилив од сегашните 327 милиони евра годишно, лесно може двојно да се зголеми. Лани бројот на странски туристи е зголемен за 23,5 %, а на домашните за скромни 6,3.

„Акцентот треба интервентно да се стави на три сегменти: измени на законската регулатива,тоа значи измени во законот за угостителска дејност и во законот за туристичка дејност. Итно визно либерализирање за дестинации од повеќе сегменти во светот и трето, под итно носење на стратегија за туризмот“, изјави Даниела Михајловска- Василевска, Стопанска комора на Македонија.

Работите заглавиле во ресорот за економија,каде што биле доставени предлозите, велат од Здружението. Се чека да се изработат нацрт законските измени и стратегијата за развој и да влезат во процедура,а во меѓувреме странските туристи ја одбегнуваат Македонија, поради проблемот со визите кои не ги бараат другите земји од регионот.

„Ние повеќе од една година укажуваме дека треба да се најде начин или да се олесни таа визна либерализација и ли да се укине и да ги вратиме тие земји затоа што нас веќе не избегнуваат и одат во соседните земји, што значи директно губење на девизен ефект од тие земји“, вели Славе Сирачевски, Здружение за угостителство и туризам.

Еснафот бара категоризација на сите угостителсаки објекти за сместување,вклучително и на апартманите за кои засега никој не води грижа. Се изнајмуваат преку интернет портали, за што нема евиденција, а државата не наплаќа туристичка такса, ниту пак данок. Се сугерира подобра заштита на туристите, лиценците да се обновуваат на секои 2-3 години, а од агенциите да имаат банкарска гаранција.

Свето Николовски