Финансии

Државната каса тежи седум пати повеќе, 26 години по донесувањето на првиот буџет

02.04.2018 17:01

26 години по донесувањето на првиот буџет, државната каса тежи седум пати повеќе. Останува вечната дилема- дали е развоен или социјален? Владата со став- за раст треба да се напушти рамниот данок, со праг од 1.000 евра за прогресивно оданочување малку луѓе ќе бидат погодени, а многу повеќе пари ќе бидат собрани...

26 години од првиот буџет, државната каса седум пати потешка, но секоја година со вечната дилема дали проекцијата е развојна или социјална. Владата со став, за раст на економијата треба да се напушти рамниот данок и популистичката политика, да се направи стратегија како да се намали напластениот долг.

Светската банка порача, да се зголеми ефиканоста на јавното трошење, анализите покажуваат дека така Македонија може да заштети 13 проценти од јавните средства, колку што е износот на капиталните инвестиции во државата.

Македонија е во фаза на економски раст, порача премиерот Заев. Владата не се откажува, прогресивниот данок ќе биде воведен. Тврдат- мерката ќе опфати мал број граѓани, а многу пари ќе завршат во државната каса.

Поранешните министри за финансии со поделени ставови, дел со став дека прогресивното оданочување може веднаш да се спроведе, дел велат мора да внимава со даночната реформа.

Во Македонија мора да престанеме да мислиме од година за година, дали Македонија треба да биде земја со најниски буџетски приходи или да се преземат мерки што ќе ја подобрат приходната страна, став на министерот за финансии.

Првиот буџет на независна Македонија е донесен на втори април 1992-ра, тежел 75 милијарди 900 милиони денари, 38 насто од бруто домашниот производ. Во проекциите бил предвиден негов пад за осум насто, раст на цените за 270 проценти, на личните доходи за 217 насто.

 

Сузана Фиданска- Стоевска