Путин во посета на Турција, во фокус економските и воените односи
Рускиот претседател Владимир Путин е во посета на Турција. Во фокусот се економските и воените односи меѓу двете земји, но и состојбата во регионот, пред сѐ во Сирија...

Рускиот претседател во дводневна посета на Турција на средби со лидерите на земјата-домаќин и на Иран. Во агендата на Путин, церемонија по повод почетокот на изградбата на првата турска нуклеарна централа „Акују“ што ќе се гради во близина на пристаништето Мерсин, на брегот на Средоземното Море. Објектот ќе го гради руската државна компанија „Росатом“.
Електроцентралата е планирано да се состои од четири блока, со моќност од по 1.200 мегавати. Целата инвестиција изнесува 22 милијарди долари.
На билатералната средба меѓу Путин и Ердоган се очекува да се разговара и за испораката на руските С-400 земја- воздух ракети на Турција. Првите проектили се очекува да бидат доставени во 2020-та година, и покрај негодувањата од страна на некои НАТО сојузници на Турција, вклучително и САД.
Двајцата лидери ќе разговараат за трговијата и економијата, за спроведувањето на заедничките стратегиски проекти, особено во енергетскиот сектор, како и за регионални и меѓународни прашања, вклучително и борбата против тероризмот и ситуацијата во Сирија.
Во рамки на посетата, Путин утре ќе учествува и на трилатералната средба за Сирија заедно со претседателите на Турција и на Иран, Реџеп Тајип Ердоган и Хасан Рохани, при што ќе разговараат за регионалниот развој и за безбедносната ситуација во оваа земја, растргната од војна.
Трите држави се гаранти на примирјето во Сирија, договорено во декември 2016-та година, од кое произлезе преговарачкиот процес во Астана, насочен кон изнаоѓање политичко решение на конфликтот. Тие преговори се водат паралелно со оние под покровителство на ОН во Женева.
Марина Ристова
