Новини во Законот за енергетика

Поделена надлежност за ЕЛЕМ, МЕПСО и МЕР, целосна либерализација на енергетскиот сектор

03.04.2018 14:56

Владата ги презентира новините што ги носи Законот за енергетика. ЕЛЕМ оди под надлежност на Владата, МЕПСО под Министерството за транспорт, а Македонски енергетски ресурси под капата на ресорот за економија. Законот за енергетика е усогласен со пет европски директиви и три регулативи и овозможува целосна либерализација на енергетскиот сектор, нагласи Анѓушев. Според него, секој потрошувач по сопствен избор и со сопствено договарање ќе може да избере снабдувач со електрична енергија и гас...

Владата ќе биде одговорна за ЕЛЕМ, надлежно за МЕПСО ќе биде Министерството за транспорт и врски, а за Македонски енергетски ресурси- Министерството за економија. Изготвен е новиот Закон за енергетика, наскоро влегува во собраниска процедура. Предвидена е целосна либерализација на енергетскиот сектор. Секој потрошувач по сопствен избор и сопствено договарање ќе може да се реши за снабдувач на електрична енергија и на гас. Ќе се бара универзален снабдувач на пазарот на електрична енергија за домаќинствата, велат надлежните.

„ЕЛЕМ како производител, почнувајќи од 2019-та година, да дава и понатаму 80% од своето производство на универзалниот снабдувач. Тоа ќе се намалува со текот на годините, се до 2025-та година, кога тој процент ќе биде 30% од производството на ЕЛЕМ. Со тоа практично се овозможува и понтаму граѓаните да бидат заштитени“, изјави Кочо Анѓушев- вицепремиер за економски прашања.

По целосната либерализација надлежните очекуваат цената на струјата да не се промени, а гарант за тоа ќе биде универзалниот снабдувач. Законот предвидува субвенционирање на енергетската сиромаштија, за стечајните работници и пензионерите со пониски пензии.

„Се предлага да се донесе годишна програма за намалување на енергетската сиромаштија, бидејќи постоечките решенија кои предвидуваат заштита на социјално загрозените семејства, не вклучуваат одредени категории кои имаат потреба од доделување на помош за задоволување на енергетските потреби“, рече Крешник Бектеши- министер за економија.

По усвојувањето на новиот Закон за енергетика во рок од 90 дена е предвидено да се направат промени во Регулаторната комисија, ќе се бираат нов претседател и членови. Од Владата тврдат, Законот за енергетика е усогласен со пет европски директиви и три регулативи.

 

Андријана Атанасовска