Пукање во седиштето на „Јутјуб“, најмалку четири лица ранети
Напад, загината и повредени во седиштето на најпознатата социјална мрежа во светот, во Сан Бруно, Калифорнија. Причините не се докрај утврдени. Жена стрелала поради нејзини прикачувања за заштита на животните на „Јутјуб“, кои наводно не ѝ биле исплатени. Станува збор за жителка на Калифорнија со иранско потекло. Во слични напади од 2011-та, само шест биле жени напаѓачи...

Најмалку четири лица биле ранети во престрелка во зградата на централата на „Јутјуб“ во градот Сан Бруно, во Калифорнија. Полицијата соопшти дека осомничената жена за нападот била пронајдена загината, а информациите посочуваат на самоубиство. Идентификувана е како Насим Агдам, 39-годишна жителка на Сан Диего од иранско потекло. Медиумите пренесуваат дека била активистка која учествувала на протести за правата на животните.
Нејзиниот татко изјавил дека таа била гневна бидејќи компанијата „Јутјуб“ престанала да ѝ плаќа за видео снимките што таа ги поставувала на оваа интернет платформа. Меѓудругото изјавил и дека ја предупредил полицијата дека неговата ќерка може да отиде во зградата на „Јутјуб“ бидејќи ја мразела компанијата. Исчезнувањето на неговата ќерка го пријавил во понеделникот откако два дена не одговарала на телефонски повици.
Според некои информации, жената го познавала едниот од ранетите во нападот, 36 годишен маж кој веројатно бил и целта. Тој е хоспитализиран и е во критична состојба. Во нападот посериозно биле ранети и две жени на возраст од 32 и 26 години.
Полицијата во Сан Бруно претходно издаде предупредување до граѓаните да не се приближуваат кон таа област.
„Можам да кажам дека нема никаква опасност за заедницата. Сакам да им се заблагодарам на сите што учествуваа во акцијата“, рече Ед Барберини, шеф на полицијата во Сан Бруно.
Еден од вработените во зградата на „Твитер“ објавил дека слушнал истрели и видел луѓе како бегаат.
„Ние во „Јутјуб“ сме како едно семејство. Денес се чини дека сите вработени и целата заедница на „Јутјуб“се жртви на ова злосторство. Нашите мисли се со оние што настрадаа во овој напад. Се молиме за нив и за нивните семејства“, изјави Крис Дејл, шеф на комуникации во „Јутјуб“.
Белата куќа соопшти дека претседателот Трамп бил известен за нападот на седиштето на „Јутјуб“. Локалната телевизија објави снимки со евакуација на вработените во седиштето на компанијата во Сан Бруно.
Марина Ристова
