ХАГ

Вонреден состанок на Организацијата за забрана на хемиско оружје за случајот „Скрипал“

04.04.2018 12:45

Вонреден состанок во Хаг за отровот „Новичок“ и случајот „Скрипал“. Британската лабораторија „Портон даун“ не успеа да го прецизира изворот на нервниот агенс, но ги отфрли обвинувањата од Москва дека Лондон стои зад инцидентот. Вербалната војна на релација Русија – Британија продолжува...

Организацијата за забрана на хемиско оружје (ОПЦВ) во Хаг ги анализира обвиненијата на Велика Британија кон Кремљ за труењето на поранешниот шпион Скрипал во Англија. Вонредниот состанок е свикан по повикот на Русија која негира вмешаност во инцидентот во Салисбери и бара од Обединетото Кралство да приложи докази. За владата во Лондон, иницијативата за средбата е „диверзантска тактика“, чијашто цел е попречување на работата на Организацијата. Сергеј Скрипал и неговата ќерка беа отруени со „Новичок“ што, според британските власти, е од советско производство. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ја префрли топката во Лондон, образложувајќи дека новата криза веројатно е британски интерес за одвлекување на вниманието од Брегзит.

„Често се спомнува Студената војна и фактот дека моменталната ситуација е полоша отколку тогаш бидејќи во тој период постоеја конкретни правила. Денес, нашите западни партнери на чело со Британија и САД, заборавија на учтивоста и шират лаги и дезинформации. Ние одговараме смирено и инсистираме сите тврдења да бидат поткрепени со факти“, изјави шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров.

Раководството на британската воена лабораторија „Портон даун“ ги отфрла обвинувањата од Русија дека „Новичок“ бил изнесен од британски објект.

„Нема шанси нешто такво да излезе од нашите ѕидови. Работиме со многу токсични супстанци и во највисоки нивоа на безбедност. Постојано нѐ контролираат од светската агенција за хемиски отрови за да се осигураат дека ги следиме правилата. Утврдивме дека „новичок“ е воен нервен агенс. Но не го утврдивме изворот“, изјави Гери Ејткенхед, извршен директор на „Портон Даун“.

Случајот „Скрипал“ ја предизвика најновата мегакриза меѓу Истокот и Западот во последните децении. Велика Британија и сојузниците, меѓу кои се и земјите-членки на ЕУ и на НАТО, протераа над 150 руски дипломати од своите територии. Владата на Кремљ возврати со реципрочни мерки.

 

Маја Филдишев