Унапредување на економската соработка меѓу Македонија и Словенија
Македонско- словенечки бизнис форум. Стопанствениците оценуваат, има можности за уште поголема соработка. На состанокот во Стопанската комора, на кој учествуваа премиерите на Словенија и на Македонија, Заев ги повика словенечките компании да конкурираат на тендерите за патна инфраструкутра и енергетика...

Поволната политичка состојба гради здрава економија, а Македонија е на добар пат, оцени словенечкиот премиер Церар на бизнис- форумот. Според него, евроинтеграциите ќе обезбедат стабилно опкружување и за инвеститорите и за унапредување на соработката.
„Ме радува што Македонија го избра патот на евроатланските интеграции, тоа на Македонија ѝ обезбедува долгорочен пат, стопанска и економска стабилност“, смета словенечкиот премиер Миро Церар.
Премиерот Заев ги повика словенечките компании да учествуваат на тендерите во делот на патната инфраструктура и енергетиката за кои се обезбедени средства.
„Ние поставивме таргет оваа година 3,2 проценти, но мислам дека можеме и 4 проценти. Тоа е возможно само ако вие сте среќни, имате добра околина и сте доволно мотивирани, и секако доволно насочени на создавање на профит“, изјави премиерот Зоран Заев.
Од Стопанската комора на Словенија велат дека земјата е меѓу најголемите инвеститори во Македонија, а инвестициите се стабилни.
„Нашата трговска размена е стабилна и се зголемува. Се приближува на 300 милиони евра годишно“, вели Соња Шмуц, Словенечска Стопанска комора.
Словенија никогаш не ги напушти релациите со Македонија, рече првиот човек на Стопанската комора. Можности гледа во туризмот, екологијата, прехранбената индустрија.
„Наредниот период ќе се зголемуваат релациите и логистиката, за да можете вие да ги зголемите обртите и профитите“, нагласи првиот човек на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.
Таа е петта земја по инвестиции во државава. Очекувањата се трговската размена до 2020-та година да достигне половина милијарда долари.
Дијана Ценевска
