„АРМ со Вас“: Претставени можностите на воениот персонал и опремата
За првпат на централниот плоштад во македонската престолнина претставени можностите на воениот персонал и опрема на Македонската армија. „АРМ со Вас, отворено со граѓаните“, тоа е мотото на манифестацијата која привлече завиден број посетители...

Војска и оклопни возила во центарот на Скопје. Но, не станува збор за никаква опасност, ниту вонредна состојба. Министерството за одбрана и Генералштабот на АРМ, организираа отворен ден за граѓаните.
На Плоштадот „Македонија“ можеа да се видат Хермелин, Кобра, Хамви, но и возила на КФОР од Косово. Најголем интерес за опремата и за оружјето од најмладите.
„Може да се информираме, може да дознаеме тоа што ни треба, а истото може да го направиме и елекотрнски.“
„Да завршам средно образование, после во Велес доброволен рок од три месеци и планирам да останам во Армијата.“
„Сакам вакви работи, планирам да бидам војник, па како ќе каже Господ- така.“
„Се гледам можеби како ренџер во иднина“- велат оние кои ги анкетиравме.
„Повеќе интерес има кај помладата генерација, а со тоа имаме и очекувања за прием на нови војници и нови припадници на АРМ“, вели потпоручник Арифи.
Граѓаните можеа да го слушнат воениот оркестар, но и да ги видат армиските специјалци на дело со нивните боречки вештини.
Секако, огромно внимание привлекоа и гардистите со нивната најатрактивна точка „Егзерцир“. Армиските гардисти не се препознатливи само по убавата униформа и задачата за обезбедување објекти, политичари или странски гости. Знаат вешто да го користат оружјето и на поинаков начин од намената.
Припадниците на Армијата подготвени да одговорат на сите предизвици. Покрај заедничките вежбовни активности со земји членки на НАТО, секогаш меѓу првите кога треба да им се помогне на граѓаните.
„Спремноста и подготвеноста на АРМ и за изведување на друг вид активности, кои исто така се дел од нашата мисија, кои во случај на елементарни непогоди, како и досега, така и понатаму, секаде ќе се вклучуваме и ќе одговараме каде има потреба, а сето она што се очекува од нас“, вели потполковник Тони Јаневски, портпарол на ГШ на АРМ.
Беа поставени и штандови на кои граѓаните можеа да се информираат за воената професија и огласот за прием на нови 125 професионални војници кој е во тек.
Отворениот ден, можност луѓето да се запознаат како функционираат и Воената академија, Центарот за обука на пилоти и Регионалниот центар за односи со јавноста, кој е единствен НАТО центар во државава.
Наташа Гркова- Петрушева
