МАРРИ ќе ги поддржи земјите од Западен Балкан во справувањето со илегалната миграција
Постои ли можност Македонија повторно да стане дел од Балканската рута за илегалната миграција кон Западна Европа? Од Авганистан кон Турција има нов миграциски бран...

На сите ни е јасно дека состојбата во Сирија не е добра, но и генерално дека Блискиот исток е традиционално жариште на меѓународна нестабилност, па во тој контекст постои голема загриженост во Европската унија и Обединетите нации, истакна директорката на Регионалната иницијатива за азил, бегалци и миграција- МАРРИ. Оваа иницијатива во изминатите години прави напори за зголемување на соработката на земјите од Западен Балкан во контекст на мигрантската криза, со цел таа да биде ефикасно управувана.
Сепак, од МАРРИ немаат прецизен одговор за тоа зошто мигрантите од Грција минуваа само преку Македонија.
Како го објаснувате фактот што пред затварањето на Балканската рута, мигрантите одеа само преку Македонија, а ги избегнуваа Бугарија и Албанија- праша МРТ.
„На ова прашање одговор не верувам дека имаат ниту Фронтекс, европсакта гранична служба, ниту Интерпол, ниту сите оние професионални европски глобални структури што се занимаваат со сигурносниот апсект. Она што се случи најверојатно беше како резултат на тоа што ова беше најблискиот и најкраток пат до Европа, до крајната дестинација, преку Турција, Грција, Македонија и Србија“, одговори Тамара Мугоша, директорка на МАРРИ.
На прашањето пак, зошто и по затворањето на Балканската рута, притисок и инициденти се правеа само на македонска граница, Мугоша вели дека тоа било последица на фактот што никој не бил до крај спремен на толку голем број на луѓе.
Според неа, сега има доволно простор и време за долгорочно размислување во насока на обезбедување на границите, но пред сѐ во насока на заштитата на човековите права на мигрантите, на кои таа вели дека сме обврзани, како на пример правото на движење, на сигурност и на дом.
Мисијата на МАРРИ е да се поддржат владите на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија во усогласувањето на правната рамка со законодвството на Европската унија, како и во изградбата на институции и обука на персонал.
Марија Котовска
