Здравство

Филипче: Се бара решение за сметката на Гинекологија

04.04.2018 15:36

Блокирана сметката на Клиниката за гинекологија и акуштерство поради извршни судски решенија. Од оваа установа информираат дека станува збор за судски процеси за оштетување на видот кај новороденчиња, по што е создадена сума од 41 милион денари која што по 10 години требало веднаш да се плати. Од Клиниката велат дека располагаат со доволно средства за нормално функционирање за да ја надминат состојбата...

Сметката на Гинекологија е блокирана поради исплати на извршени судски решенија од 660 илјади евра- соопшти Клиниката. Станува збор за процеси водени поради оштетување на видот кај предвреме родени бебиња додека биле на интензивно лекување во инкубатори. Информираат дека овие случаи настанале во 2008-та година, период во кој не постоела скрининг програма во државата за вакви случаи. Ресорниот министер е затекнат од ситуацијата.

„Одлуката за симнување пари од сметката по тужба за некој случај кој бил во 2008-ма година не затекна и нас. Тоа е сума на средства која не е предвидена во буџетот на Клиниката. За таа цел попладнево ќе имаме средба со директорката на институцијата и со луѓе од Министерството за финансии за да ги разгледаме сите околности и да знаеме кои следни чекори да ги преземе“, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.

Од Клиниката за гинекологија смируваат дека во моментов имаат доволно ресурси за нормално функционирање и во најкус рок ќе ја надминат новонастаната состојба. Објаснуваат дека нема поврзаност меѓу донаторската кампања која почнала минатата година и судските процеси поради кои и извршена наплатата.

Парите кои ќе се собрат од кампањата ќе бидат наменети за набавка на нова опрема која е застарена или досега воопшто ја немало.

 

Андријана Атанасовска