Законот за финансиска поддршка на инвестициите во Собрание
Надлежните очекуваат да го поттикне растот, да придонесе за намалување на невработеноста, јакнење на конкурентноста, потесна соработката помеѓу домашните и странски компании.

Предлог- законот за поддршка на инвестициите помина во прво читање на матичната комисија. Надлежните очекуваат да го поттикне растот, да придонесе за намалување на невработеноста, јакнење на конкурентноста, потесна соработката помеѓу домашните и странски компании.
Основна цел на законот за финансиска поддршка на инвестиции е да ја зголеми конкурентноста на македонската економија за да може рамноправно да учествува на меѓународниот пазар и да порасне БДП, рече вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на собраниската Комисија за економски прашања.
Овој закон, посочи тој, треба да се гледа како поддршка за зголемување на конкурентноста на македонската економија, за таа да може да се бори со цел свет.
Законот се подготвувал повеќе од шест месеци и реално ја отсликува потребата на македонската економија, а донесува транспарентна шема која треба да резултира со општ пораст на целокупната економија.
