Спасовски: Балканската мигрантска рута сѐ уште е жива
Бројот на случаи на криумчање мигранти е зголемен и покрај тоа што е затворена Балканската рута, изјави министерот Оливер Спасовски. Од Регионалната иницијатива порачуваат дека клучно е почитувањето на договорот на ЕУ со Турција за сместување на бегалци на нејзина територија...

Мигранти сѐ уште илегално влегуваат во Македонија, иако одамна е затворена Балканската рута кон Европа, соопшти министерот за внатрешни работи. Спасовски посочи дека поради затворената рута, се зголемил бројот на криумчари на мигранти низ Македонија.
„Западнобалканската рута, иако со помал интензитет, сѐ уште е жива. За жал по официјалното затворање на рутата, се појавија голем број криумчари на мигранти и сѐ почесто мигрантите се жртви на истите, а неретко се жртви и на трговија со луѓе“, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Доколку пропадне договорот меѓу турскиот претседател Ердоган и Европската унија, Балканот ќе се соочи со нов бран мигранти, коишто од Турција ќе се упатат кон Европа. Од Регионалната иницијатива за мигранти, азиланти и бегалци во Скопје, очекуваат дека Турција како сериозна држава нема да се откаже од сместувањето на околу 3,7 милиони мигранти.
„Никој од нас не го посакува тоа сценарио. Турција е сериозна држава што се соочува со сериозна хуманитарна криза. Нивните негативни реакции се поради нашата бавна поддршка. Мора да разбереме дека Турција трпи силен безбедносен и социјален притисок. Длабоко верувам дека ЕУ е сериозна во намерата долгорочно со заеднички сили да спречи нов голем број мигранти како во 2015-та. Ова не е исклучително проблем на Европа, туку е глобален и така треба да се однесуваме со него“, изјави Тамара Погушев, директор на МАРРИ во Скопје.
За време на мигранската криза во 2015/16 низ Македонија поминале од 800 илјади до 1 милион мигранти. Од нив, само речиси 200 побарале азил во Македонија.
Од МВР велат дека не знаат што не чека во иднина, но мораме да бидеме подготвени. МАРРИ во соработка со Фронтекс ќе направи датотека со информации за сите мигранти од Балканот во земјите на Унијата.
Ирина Гелевска
