Националната гарда на САД на границата со Мексико
Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша наредба за распоредување на Националата гарда на границата со Мексико. Соопштението на Белата куќа е објавено неколку часа по барањето за интензивирање на акцијата за миграцијата, и најавата за армиско обезбедување на јужната американска граница додека не се изгради ѕидот. Во 2006-та година беа распоредени околу 6.000 војници за подобрување на безбедноста на набљудувањето...

Откако не успеа да ги убеди Конгресот и Мексико целосно да го финансираат граничниот ѕид, американскиот претседател Доналд Трамп ќе прати околу 1.000 припадници на Националната гарда на САД кои ќе ја штитат границата со Мексико и ќе им даваат поддршка на царинската и граничната контрола. Иако побара 25 милијарди долари за изградба на ѕидот, од буџетот се предвидени само 1,6 милијарди. Трошоците на годишно ниво за работата на Националната гарда се проценуваат на сума од 60 до 120 милиони долари.
„Претседателот им нареди на Пентагон и на Министерството за национална безбедност да соработуваат со гувернерите и да ја распоредат Националната гарда на југозападната граница, за да и помагаат на граничната патрола. Граничната безбедност не е парцијална заштита, туку национална безбедност“, изјави Кирстјен Нилсен, секретар за домашна безбедност.
Демократите го критикуваат Трамп што не успеал да изготви миграциска реформа која ќе биде задоволителна за двете страни. Пентагон предупреди дека одлуката може да резултира со конфликт со Мексико, во период кога американската армија се справува со противници како што се Исламска држава, Северна Кореја и Русија. Мексиканската влада тврди дека милитаризацијата на границата ќе ги наруши билатерланите односи.
„Нашата Влада побара образложение од властите во САД. Очекуваме одговор за да ја утврдиме нашата позиција“, изјави Енрике Пења Нието, претседател на Мексико.
Шефот на американската разузнавачка служба, Ден Коутс тврди дека администрацијата на Доналд Трамп донела одлука за повлекување на војската на САД од Сирија. Неделава Белата куќа планира и воведување санкции за руски олигарси, поради наводното мешање на Москва во американските избори во 2016-та година.
Маја Филдишев
