Врховен суд: Да Силва мора да оди во затвор
Врховниот бразилски суд го испрати екс претседателот на 12-годишна затворска казна. Овој случај ја подели земјата во пресрет на октомвриските претседателски избори за кои, Да Силва, се сметаше за фаворит...

Врховниот суд во Бразил пресуди- поранешниот претседател Луис Игнасио Лула Да Силва мора да почне да ја служи 12-годишната затворска казна поради примање мито. Одбиено е неговото барање да се брани од слобода додека не ги искористи сите правни инструменти. Според проценките, екс-шефот на државата може да се најде зад решетки до крајот на неделата.
Медиумите оценуваат дека е ова дополнителен удар за Силва, кој се обидува да ја сочува својата политичка кариера и покрај дополнителните шест обвиненија за корупција.
„Од сите тие правни, емпириски и прагматични причини и затоа што на земјата и треба уставно разбирање за да се надмине неказнувањето во минатото и охрабрувањето да се прават погрешни работи, гласам за да се зачува судската практика“, изјави судијата Луис Роберто Баросо.
Случајот ја подели државата и фрли сенка на претседателските избори, кои треба да се одржат во октомври годинава. Истражувањата покажуваат дека Да Силва е фаворит на тие избори, но се очекува пресудата да го исфрли од трката.
Марина Ристова
