Постигнат договор, сметката на Клиниката за гинекологија ќе биде одблокирана
Сметката на Клиниката за гинекологија ќе биде одблокирана со пари што Фондот за здравствено осигурување ги обезбедил за Клиниката како аванс, информира министерот филипче. Авансот е во износ на сумата за блокираната сметка, посочи дека не станува збор за пари што се скратени од некаде, туку за дополнителна сума. Сметката на клиниката неколку дена беше блокирана поради достасани побарувања за исплата на извршни судски решенија...

Постигнат е договор. Сметката на Клиниката за гинекологија ќе биде одблокирана со аванс од Фондот за здравство. Министерот за здравство информираше дека се префрлаат пари во износ на сумата за којашто е блокираната сметка. Филипче објаснува дека не се кратело, туку се обезбедени дополнителни средства. Не очекува наскоро да дојде до повторна блокада, иако против Клиниката се водат уште неколку судски постапки од родители на деца со оштетување на видот.
„Ќе се обезбеди дополнителна сума на пари во форма на аванс и таа сума ќе биде достапна за Клиниката за гинекологија во текот на денешниот ден или евентуално поради близината на празниците, во вторник. Проблемот е решен и сметката ќе биде ослободена за нормално функционирање на Клиниката. Други четири решенија не чекаат за наплата туку има процеси кои се водат во моментов за истата проблематика поради која сметката сега беше блокирана“, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.
Работата на Клиниката се одвива нормално, велат надлежните. Уверуваат оти не се загрозени платите на вработените. Сметката на Гинекологија неколку дена беше блокирана поради достасани барања за исплата на извршни судски решенија во вкупен износ од 660 илјади евра. Станува збор за процеси водени поради оштетување на видот кај предвреме родени бебиња додека биле на интензивно лекување во инкубатори. Овие случаи настанале во 2008-та година, период во кој не постоела скрининг- програма во државата.
Андријана Атанасовска
