Вапцани се Велигденските јајца

Почнуваат Велигденските празнувања

05.04.2018 14:46

Изутрината, пред изгрејсонце се вапцаа велигденските јајца. Во себе ја носат големата симболика на животот, особено трите први вапцани јајца. Велики Четврток, Велики Петок и Велика Сабота се трите најтешки денови пред големиот празник Велигден. Има и посебни придружни обичаи...

Вапцани се велигденските јајца, на Велики Четврток, пред изгрејсонце. Првите сончеви зраци да ги помилуваат, да ја истакнат симболиката. Посебно на првите три вапцани црвени јајца.

„Првото јајце е за пред икона, другие за имотот и за Господ. Се вапцуваат трите јајца и се ставаат наспроти прозорец, на црвена подлога, сито и тањирче, за сонцето да ги огрее“, вели Паре Макалоска.

Црвеното велигденско јајце, симболот на животот-  ги вклучува и децата. За да бидат благословени, здрави и полни со живот. Велики Четврток, Велики Петок и Велика Сабота се најтешките денови пред Велигден. А за празникот и посебни традиции во Прилеп.

„Најмногу малит се радуваат, им се купува што сакаат, нова облека. Имаме адет, татковците и дедовците, одат се децата на гости кај роднини и пријатели“, вели Мита Петкоска.

Традициите и обичаите за Велигден се длабоко вкоренети во битисувањето на народот на овие простори. Повозрасните сакаат да ги научат и новите генерации.

„Нас на возразните многу ни значи, па затоа се трудиме во овие празници, посебно за Велигден кога значењето на христијанството е најголемо, сакаме да се зачува традицијата“, изјави Лилјана Ѓорѓиеска, здружение „Преродба“.

За православните верници вечер е бдение, утре погребение, а в сабота на полноќ - Христовото воскресение.

 

Елизабета Митреска