Компании

Во јуни првите договори за финансиска помош на малите и средни фирми

05.04.2018 16:00

За две недели ќе биде објавен повикот за финансиска поддршка на компаниите. Ќе трае 45 дена. Одлуките, кој ќе добие дел од колачот вреден 10,5 милиони евра ќе бидат донесени во рок од најмногу 60 дена, велат од Фондот за иновации. Малите и средни фирми признаваат дека немаат капацитет за развој на големи проекти, но излез гледаат во техничката поддршка...

Во јуни ќе бидат потпишaт првите договори за државна финансиска помош на малите и средни фирми. Повикот ќе биде објавен за две недели и ќе трае 45 дена- велат од Фондот за иновации. Кој ќе добие дел од колачот, вреден 10,5 милиони евра, надворешни експерти и членови на трите Стопански комори, преставници од Владиниот кабинет, ќе ги филтрираат понудените проекти. Селекцијата ќе се врши транспарентно- тврдат надлежните.

„Ќе имаме доволен рок од неколку недели каде стручните лица ќе направат проценка и ќе донесат одлука. Нашата намера е да можеме да ги потпишиме првите договори до крајот на јуни“, вели Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации.

Со правилниците ќе биде објавен и начинот на бодување, фирмите ќе ја добијат и терк апликацијата. Малите и средни компании ги зајакнуваат капацитетите, велат ги охрабрува фактот дека нема поврат на средствата. Очекуваат да ја зголемат конкурентноста.

„Веќе преземавме одредени активности за зголемување на капацитетите директно на компаниите, за вмрежување на експерти, професионалци и консултантски куќи со потенцијалните корисници, со цел да добиеме квалитетна апликација“, изјави Александар Зарков, извршен директор на ССК.

Примената на мерките ќе ја следи работна група. Во третиот столб секоја од компаниите ќе може да добие најмногу до околу 300 илјади евра. Со третиот столб од Планот за економски раст, најголема финансиска поддршка има за развој на иновативни проекти и услуги. Повратот на инвестицијата е до 70 проценти од вложеното, но не повеќе од 20 милиони денари.

 

Сузана Фиданска- Стоевска