Заев: Има придвижување за прашањето за името
Министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција идната недела на средба во Охрид. Премиерот Заев е убеден дека ќе се најде решение кое ќе ги сочува достоинството и идентитетот на двете земји...

Премиерот Заев верува дека ќе се најде решение за името кое ќе ги сочува достоинството и идентитетот на двете земји. Потврди дека министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Димитров и Коѕијас идната недела ќе се сретнат во Охрид. Убеден е дека на состанокот ќе дојде до дополнително поместување на процесот.
Според Заев, за да се реши прашањето е потребно и двете страни да водат грижа за партнерите, а договореното да биде прифатено од институците и граѓаните на Македонија и на Грција.
„Убеден сум дека ако направиме напори, да водиме грижа за нашите партнери од Грција, како тоа што ќе го договориме ќе помине во институциите. Но, и тие да водат грижа за нас, како тоа што ќе го договориме да помине низ институциите пред се и пред граѓаните во Грција и Македонија. Тоа е начинот на решавање на проблемот. Верувам дека ќе се најде решение кое ќе го сочува достоинството, идентитетот на двете земји“, изјави премиерот Заев.
Премиерот ги откри процесите и на домашната политичка сцена. Најави дека до крајот на месецов треба да завршат разговорите за реконструкција на Владата.
„До крајот на април верувам дека ќе завршиме со реконструкцијата на Владата. Разговараме веќе за одредени кадри, јас почнав разговор и со политички партии и со пратеници во самиот Парламент, па согласно со квалитетот на кадарот ќе бидат така и назначени самите луѓе. Заради тоа не излегувам веднаш со ново решение за министер за правда, сакам да го искористам просторот на преговорите“, рече Заев.
Од исходот на преговорите ќе зависи и новиот владин состав. Останува неизвесно дали Министерството за правда ќе остане во рацете на ДУИ, изјави премиерот Заев.
Игор Панов
