Основачот на „Фејсбук“ на сослушување во Конгресот
Основачот на „Фејсбук“ на две сослушувања во Конгресот поради аферата со „Кембриџ Аналитика“ и злоупотребата на лични податоци од корисниците. Менаџментот ја префрла вината врз Александар Коган, истражувачот којшто ја создаде апликацијата со која беа собрани податоците што подоцна завршија во рацете на „Кембриџ Аналитика“. Според дел од аналитичарите, маратонските сослушувања се политички театар на кој владините претставници ги критикуваат и судат постапките на богатите и успешните. Експертите за кибернетичка безбедност зачестија со повиците за деактивирање на корисничките сметки на интернет...

Основачот на „Фејсбук“, Марк Закерберг се соочува со најголемиот тест во својата кариера како извршен директор на мегапопуларната социјална мрежа. Во фокусот на двете маратонски сослушувања во Конгресот на САД е скандалот со компанијата „Кембриџ аналитика“ којашто злоупотреби податоци на 50 милиони корисници од „Фејсбук“ за да изготви психолошки профили и да манипулира со гласачи преку реклами и пораки. Од Закерберг се очекува да го образложи методот за заштита на приватните податоци, но и причината зошто наместо нив, весник открил дека бил направен упад во системот на неговата компанија.
„Најзагрижен сум дека „Фејсбук“ ги нема сите одговори. Не може да ги знаат сите коишто им се реклмаираат на платформата. Иако тврдат дека имаат контрола, убеден сум дека не е така зашто има луѓе кои сакаат да си го скријат идентитетот преку 4-5 посреднички корпорации. Месечно имаат по 500 илјади рекламирања“, вели сенаторот Џон Кенеди.
„Сослушувањето е важен чекор напред за Американците коишто се свесни дека им беа злоупотребени личните податоци. „Фејсбук“ бавно преземаше чекори за да воведе промени во платформата и да ги охрабри граѓаните да се заинтересираат за што точно и како им се употребуваат податоците. Преку серија состаноци, Сенатот и Конгресот ќе работат на зацврстување на приватноста“, изјави Крис Кунс, сенатор.
Откако беше обелоденет скандалот, голем број корисници на „Фејсбук“ почнаа да ги бришат своите профили. Меѓу нив е и коосновачот на „Епл“, Стив Вознијак.
Маја Филдишев
