Утре на пленарка интерпелацијата за Владата
41 пратеник стави потпис на барањето за гласање доверба на Владата, прво за премиерот Заев и министрите. Забелешки за работата на сите ресори. Шефот на владата ги привршува консултациите за најавената реконструкција, што треба да ја објави до крајот на месецов. Алијансата на Албанците на Села, нема да партиципира во извршната власт...

Интерпелација, реконструкција, гласање за реформски закони, извештај за напредокот на земјава во Европската унија. Домашната политичка сцена пред промени по Велигденските празници. Собранието го објави документот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за гласање на доверба на Владата.
„Единствени проекти коишто ги спроведе Владата на СДСМ и ДУИ во изминатиов период се нагло партизирање на институциите и нивно деградирање, заробено судство, луксузирање на владините функционери со парите на граѓаните и политички реваншизам“, стои во дел од образложението на опозициската партија во барањето за покренување на прашањето за доверба на Владата, потпишано од 41 пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата обвинува дека СДСМ и ДУИ за да ја одржат коалицијата ја погазиле демократијата во државата, Уставот, законите и собранискиот деловник. Дека на сила го изгласале Законот за јазиците, не спровеле ниту една реформа од Планот 3-6-9, кој според опозициската партија, доживеал целосен колапс.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, преку СМС- пораки им потврдил на колегите- пратеници дека в среда ќе биде расправата по прашањето за доверба на Владата.
Во меѓувреме, премиерот Заев најави промени во неговиот кабинет до крајот на месецот. Тој побара фокусот да остане на исполнувањето на реформите, со цел да се одмрзне препораката на ЕУ за Македонија.
Со соопштение се огласија од Алијансата на Албанците. Од оваа партија категорично тврдат дека нема да бидат дел од нова владина гарнитура.
Алијансата на Албанците ја информира јавноста дека на ни еден начин нема да биде дел од некоја нова владина гарнитура на која нема да и претходи парламентарен изборен процес. Оваа едногласна одлука на Алијансата на Албанците се заснова на индикациите дека оваа владејачка гарнитура не е доволно убедлива во својата заложба за радикални реформи во земјата, а особено нејзината индиферентност околу спроведувањето и примената на принципите и функционирањето на владеењето на правото- се вели во соопштението на Алијансата на Албанците.
Игор Панов
