Дипломатска војна меѓу САД и Русија поради Сирија
По сомневањата за напад на хемиско оружје, САД се заканија со воена акција во Сирија. Русија предупредува на сериозни последици ако дојде до воздушна интервенција на западните сојузници. Сирија подготвена за нови напади...
САД и Русија во дипломатска војна поради Сирија. Американскиот претседател Трамп рече дека Америка наскоро ќе преземе акција поради хемискиот напад во Дума. Москва одговори дека секоја воздушна операција ќе предизвика несогледливи последици.
САД и сојузниците за нападот го обвинуваат режимот на претседателот Асад. Трамп смета дека и рускиот претседател Путин кој го подржува Асад, носи одредена одговорност.
Русија тврди дека немало напад со хемиско оружје во Дума, или дека доколку имало, за тоа се виновни бунтовниците кои имаат поддршка од западот.
Во меѓувреме, Белата куќа ја обвини Русија дека не ја почитува обврската што ја презела дека ќе стави крај на сириската програма за хемиско оружје. Портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс изјави дека нападот е во согласност со шемата за користење на хемиско оружје, воспоставена од претседателот Асад, како и дека Русија и Иран, исто така, сносат одговорност за материјална помош на владата во Дамаск.
Дума е последниот град во областа Источна Гута, кој е под контрола на бунтовниците, а сириската војска во петокот почна жестоки напади, во кои загинаа десетици луѓе.
Сириската бунтовничка група Џаиш Ал Ислам ги обвини владините сили дека фрлиле буре- бомба со отровни хемикалии врз цивили во Дума и оти затруле повеќе од 500 луѓе.
Франција пак соопшти дека ако во Сирија „е премината црвената линија, ќе има соодветен одговор“. Париз соопшти дека размената на информации меѓу францускиот претседател Макрон и неговиот американски колега Трамп „потврдува дека било користено хемиско оружје“.
Марина Ристова
