Собрание

Утре интерпелација за Владата

10.04.2018 14:47

При гласањето за доверба на Владата, пратениците да се водат од интересот на граѓаните, а не од партиските и личните интереси, апелира координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Данев. Шефот на пратеничката група на СДСМ, Тунтев, пак, смета дека најголемата опозициска партија нашла погрешен начин за да се врати во Парламентот. Утре расправа за интерпелацијата на Владата...

„Подготвени сме за дискусија да ги изнесеме сите факти и аргументи против начинот на работа на актуелната влада“- вели координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев за поднесената интерпелација. Очекуваат подршка од сите пратеници, како што вели, на кои интересите на државата им се пред партиските и личните.

Ќе ја потсетиме опозицијата на поразителните политики кои ги водеше нивната Влада во текот на 10 години, но и ќе потсетиме што сѐ се презема за отстранување на последиците од таквото владеење- реплицира координаторот на Социјалдемократите, Томислав Тунтев.

БЕСА нема да ја поддржи интерпелацијата. Тврдат дека таквиот став не се темели на разговорите со Заев за евентуален нивни влез во некоја од владините фотељи.

Во барањето за интерпелација од ВМРО-ДПМНЕ, опфатена е работата на сите министерства. Од опозицијата велат дека Планот 3-6-9 доживеал целосен колапс, а владеачката коалиција ги партизирала институциите и ја погазила демократијата, Уставот и законите во земјава.

 

Миле Ристески