Металургија

Производителите на челик бараат Македонија да биде изземена од мерките на ЕУ и САД

10.04.2018 14:55

Прозводителите на челик бараат Македонија да биде изземена од мерките за ограничен увоз на Европската унија и на САД. Здружението апелира македонската економска дипломатија максимално да се заложи за тоа, и да укаже на последиците по развојот на македонското стопанство...

Македонија да биде изземена од мерките на САД и ЕУ за ограничен увоз на челични производи, бара Здружението на металургија при Стопанската комора. Дополнителен удар велат е европската мерка за ограничен извоз на старо железо. Од Здружението апелираат, македонската економска дипломатија да преземе мерки и да укаже на последиците.

Кочовски очекува во период од шест месеци додека се вршат контролите на производителите на челични производи,  од страна на специјални комисии, Унијата да почне да ги применува мерките. Велат дека 0,87 отсто е учеството на македонски производи во вкупниот увоз во ЕУ, но е значајни 5,7 проценти во бруто домашниот производ.

Во македонската челична индустрија работат околу 3.000 лица, индиректно од мерките на САД и ЕУ би можело да бидат погодени 15.000. Според Здружението, металургискиот сектор годинава ја почна добро, пазарот заживеа и цените беа добри, сега индустријата се соочува со предизвик кој може да биде фатален и за македонската економија.

САД ја воведе мерката за ограничен увоз на челични производи, по што следуваа заштитни мерки и од Европската унија.

 

Дијана Ценевска