САД

Закерберг на дводневно сослушување во американскиот Конгрес

10.04.2018 15:08

Основачот на „Фејсбук“ Марк Закерберг на дводневно сослушување во американскиот Конгрес за злоупотребата на податоците на корисниците. Извршниот директор на социјалната мрежа се извини за скандалот. Во Капитол хил имаше средби со сенатори...

Основачот на „Фејсбук“ Марк Закерберг се соочува со најголемиот тест во својата кариера како извршен директор на мега-популарната социјална мрежа. Во фокусот на двете маратонски сослушувања во Конгресот на САД е скандалот со компанијата „Кембриџ аналитика“ којашто злоупотреби податоци на 50 милиони корисници од „Фејсбук“ за да изготви психолошки профили и да манипулира со гласачи преку реклами и пораки. Од Закерберг се очекува да го образложи методот за заштита на приватните податоци, но и причината зошто наместо нив, весник открил дека бил направен упад во системот на неговата компанија. Имајќи предвид дека за неколку месеци треба да се одржат изборите за американскиот Конгрес, законодавците бараат информации и за претседателска кампања во 2016 година за која се тврди дека била дестабилизирана со посредство на друштвените мрежи. Закерберг беше повикан да сведочи и во Брисел и во Лондон, но не се одзва на поканата.

„Најзагрижен сум дека „Фејсбук“ ги нема сите одговори. Не може да ги знаат сите оние кои им се рекламираат на платформата. Иако тврдат дека имаат контрола, убеден сум дека не е така, зашто има луѓе кои сакаат да си го сокријат идентитетот преку 4-5 посреднички корпорации. Месечно имаат по 500 илјади рекламирања“, изјави сенаторот Џон Кенеди.

„Сослушувањето е важен чекор напред за Американците кои се свесни дека им беа злоупотребени личните податоци. „Фејсбук“ бавно преземаше чекори за да воведе промени во платформата и да ги охрабри граѓаните да се заинтересираат за што точно и како им се употребуваат податоците. Преку серија состаноци, Сенатот и Конгресот ќе работат на зацврстување на приватноста“, вели сенаторот Крис Кунс.

По скандалот, „Фејсбук“ со драстичен пад на корисниците, а „Јутјуб“ со милијарди прегледи на видеата каде што се објаснува методот за проверка на користените информации од профилите. Повеќето граѓани гледаат со недоверба кон социјалните мрежи. За другите, не постои опасност во овој медиум.

„На „Фејсбук“ сум седум години. Да не ми требаше за работата, одамна ќе го избришев профилот. Ми собирале податоци од комуникацијата, фотографии, па и од андроидот“, вели Ден Каберт.

„Сакам да комуницирам со пријателите и роднините. Фејсбук ми помага и во бизнисот.“

„Зависи што планирате да објавувате таму. Решете дали ќе ставате приватни работи.“

Нарушената репутација го чинеше Закерберг загуба од 80 милијарди долари на берзата.

Маја Филдишев