Интерпелација

ВМРО-ДПМНЕ: Со аргументи против актуелната власт

10.04.2018 17:06

Утре на собраниска седница прашање за доверба на Владата. Подносителите, ВМРО- ДПМНЕ велат, подготвени сме да ги изнесеме сите аргументи против начинот на работа. Очекуваат поддршка од сите пратениците на кои, според опозициската партија, интересите на државата им се поважни од партиските. СДСМ одговара - ќе ги потсетиме на поразителните политики кои ги водеа изминатите 10 години кога беа на власт и за тоа што преземаме за да се отстранат последиците...

„Подготвени сме за дискусија да ги изнесеме сите факти и аргументи против начинот на работа на актуелната влада“- вели координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев за поднесената интерпелација. Очекуваат подршка од сите пратеници, како што вели, на кои интересите на државата им се пред партиските и личните.

Ќе ја потсетиме опозицијата на поразителните политики кои ги водеше нивната Влада во текот на 10 години, но и ќе потсетиме што сѐ се презема за отстранување на последиците од таквото владеење- реплицира координаторот на Социјалдемократите, Томислав Тунтев.

БЕСА нема да ја поддржи интерпелацијата. Тврдат дека таквиот став не се темели на разговорите со Заев за евентуален нивни влез во некоја од владините фотељи.

Во барањето за интерпелација од ВМРО-ДПМНЕ, опфатена е работата на сите министерства. Од опозицијата велат дека Планот 3-6-9 доживеал целосен колапс, а владеачката коалиција ги партизирала институциите и ја погазила демократијата, Уставот и законите во земјава.

 

Миле Ристески