КУД „Стив Наумов“- Битола бележи 70 години постоење

25.02.2014 10:35

Културно-уметничкото друштво „Стив Наумов“ од Битола, првично именувано како синдикално друштво, формирано на 6 ноември 1944 година, големиот јубилеј – седум децении постоење ќе го одбележува во текот на цела 2014 година.

Почетоците на друштвото се поврзуваат со хорот и првите хористи кои произлегле од народноослободителните одреди, кои дејствувале во Битола и Bитолско, но и други пејачи од градот, а прв диригент кој работел со првиот хор на КУД „Стив Наумов“ бил Тодор Скаловски, истакна Љубомир Трифуновски, актуелен раководител на КУД „Стив Наумов“-Битола.

- Првиот хорски настап е регистриран на 9 ноември 1944 година, или неколку денови по ослободувањето на Битола кога кај месноста „Црн Мост“ до затворот, под диригентство на Скаловски биле отпеани песни во духот на тогашното време. Од тогаш па се до 1968 година со хорот работеле повеќе диригенти, меѓу кои и Васил Дучев, Кирил Македонски, Александар Црвенко, Милан Спиридонов, Михајло Николовски, Петар Сидовски и други, посочи Трифуновски.

Од 1968 година и денес, главен диригент на хоровите на КУД „Стив Наумов“-Битола е Љубомир Трифуновски кој во 1971 година го формирал и женскиот хор во тоа друштво.


- Во овие 70 години регистрирани се многу настани и убави времиња. Друштвото почна со многу секции, хор, фолклорна група, рецитаторска секција, забавен оркестар, филхармониски оркестар за чија работа беа набавени инструменти од Чешка, а во еден период соработувавме и со Воениот оркестар. Од денот кога го презедов раководењето со друштвото почнавме и со меѓународна презентација на нашето хорско пеење но, за жал, до денес единствено не сме биле во Канада, Америка и Австралија.  Верувам дека во директна соработка со МПЦ ќе организираме и одржиме концерти на духовна музика и на тие континенти, истакна Трифуновски.

Во моментов во КУД „Стив Наумов“ работаат три ансамбли - мешан хор, женски младински хор и мандолински оркестар. Програмата за работа ја поддржуваат Министерството за култура и општина Битола.

- Веруваме дека во годината на јубилејот поддршката ќе биде поголема и зголемена надвор од финансирањето на проектите кои веќе се одобрени. Имаме и поддршка на бизнис-секторот, а најголема мотивација ни претставуваат бројните награди и признанија. Неколку пати сме ја добиле наградата на градот Битола „4 Ноември“, во поранешната држава добивме Орден со златен венец, но посебно ни е драга и државната награда „11 Октомври“ и, секако, наградите од меѓународните фестивали, истакна  Трифуновски.

Тој додаде дека централната свеченост по повод 70 годишнината од основањето на КУД „Стив Наумов“-Битола ќе се одржи на 6 ноември кога, како што рече, ансамблот со песна ќе се наврати на летописните книги и други податоци кои сведочат за работата на друштвото и значењето на хорското пеење.