ООН

Одбиени резолуциите од САД и од Русија за Сирија

11.04.2018 10:42

Русија стави вето на обидот на Вашингтон за нова истрага за хемиските напади и формирање на тело за утврдување на одговорноста, а потоа следеа две руски предлог-резолуции, кои не беа изгласани.

Советот за безбедност на ОН трипати не успеа да усвои резолуција за наводната употреба на хемиско оружје во Сирија. САД и сојузниците размислуваат за преземање воени акции. Шефот на Белата куќа Доналд Трамп ги откажа посетите во Перу и Колумбија за да го контролира одговорот за Сирија. Американската Воена морнарица стацинира носач на авиони во Средоземно Море. 

„Родителите ме учеа да гледам добро во сите. Се обидувам да најдам што е добро во Русија. Мислам дека се добри во нивната доследност и во играње игри“, изјави Ники Хејли, амбасадор на САД во ООН.

„Амбасадорката вели дека не се усвои руската резолуција само зашто е руска. Тоа ни разјаснува се. Велите дека играме игри, не знам, не сум сигурен. Но сигурен сум дека се заканувате. Треба да сме загрижени поради заканите во однос на Сирија, зашто може да се соочиме со сериозни настани наскоро. Уште еднаш барам од вас да се воздржите од плановите кои ги подготвувате за Сирија“, рече Василиј Небензја, руски амбасадор во ООН.

Русија стави вето на обидот на Вашингтон за нова истрага за хемиските напади и формирање на тело за утврдување на одговорноста, а потоа следеа две руски предлог-резолуции, кои не беа изгласани. Западните земји го критикуваа недостигот на независност во прелдожениот механизам за истраги на Русија. 

Организацијата за забрана на хемиско оружје (ОПЦВ) ќе испрати свои иследници во Дума.