Димитров се надева на прогрес во разговорите за името
Разговорите за разликата за името се во деликатна фаза. Очекувам тешки разговори, но се надевам на напредок, изјави шефот на дипломатијата Димитров пред средбата со Коѕијас во Охрид. Министрите за надворешни работи на Македонија, Украина и на Грција на трилатерална средба во Охрид ќе разговараат за меѓусебната соработка и односи...

Пред средбата со Коѕијас во Охрид, шефот на дипломатијата Димитров изјави- очекувам тешки разговори за разликата за името. На маса ќе бидат разликите што останаа меѓу двете страни, по размената на нацрт- спогодбите на последната средба со посредникот Нимиц во Виена.
„Прашањето е толку важно што по дефиниција сите рунди разговори се тешки, така што се разбира очекувам темелни разговори. Се надевам на прогрес. Мислам дека однесувањето и на Република Македонија и на нашите соседи од Грција во однос на процесот сигнализира дека процесот е во една деликатна фаза и фокусирани сме токму на овие разговори“, истакна шефот на дипломатијата Димитров по средбата со украинскиот министер за надворешни работи Павло Климкин.
На трилатералната средба во Охрид, Димитров, Коѕијас и шефот на украинската дипломатија Климкин, треба да разговараат за натамошната соработка. Исто така, Македонија и Ураина ќе споделуваат искуства за интеграцијата во ЕУ и во НАТО.
„Ја сметаме Македонија за многу важен партнер, не само билатерално, туку важен партнер на Балканот. Ние заедно одиме кон Европската унија и НАТО“, рече Павло Климкин, министер за надворешни работи на Украина.
Ќе се бара и правно решение за одземањето на концесијата на украинската фирма „Сардич“ за рудникот „Казандол“ крај Валандово, изјавија шефовите на дипломатиите Димитров и Климкин.
Во наредниот период ќе се зголеми економската соработка, но и соработката во ОБСЕ, ОН и меѓу двете ресорни министерства. Годинава реципрочно и трајно се укинуваат визите за македонските и за украинските државјани, по што би следело и авионско, директно поврзување меѓу Киев и Скопје.
Ирина Гелевска
